Борба до последна капка пот вети Мицкоски и посочи: Владата не може да си замине преку ноќ
Лидерот на ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски бара избори. Тој им порача на граѓаните заедно со него да се борат против СДСМ. За него, состојбата во Македонија е неподнослива, а државата е рекордер по криминал, со најслаб економски раст и земја со најнизок стандард на граѓаните со најголема стапка на инфлација.
„Многумина блиски до власта, ми велат „Ќе падне ли веднаш владата по митингот?“, а одговорот е дека никогаш не ветив дека тоа ќе се случи брзо. Меѓутоа, гледајќи колку народ е излеан на улиците пред зградата на Владата, повеќе од сигурен сум, знам дека тоа многу скоро од денес ќе се случи. Влада што го ограбила народот толку брутално како оваа и врз кој извршила толку брутални предавства, не може да си замине преку ноќ со само еден народен собир. Но јас ветувам триумф, борба до последна капка пот, до последниот атом“, кажа Мицкоски.
Тој посочува дека инфлацијата е најстрашна.
„Или ќе се бориме или нема да ја има Македонија. На сите мора да не биде јасно дека нѐ има, и уште повеќе ќе не гледаат секаде. Борба во институциите, борба против тонењето, криминалот, корупцијата, борба да ја вратиме надежта како на тој 8 септември 1991 година. Во оваа нашата борба ни се потребни сите. Тешките времиња создаваат силни луѓе. Силните луѓе пак, носат подобри времиња. Ова не е само моја битка, туку наша борба за победа за нашата Македонија“, кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Македонија е рекордер во Европа по три работи, криминал, најслаб раст на економијата, и најнизок стандард со најголема стапка на инфлација.
„Најголемиот проблем е инфлацијата. Пола милион наши сограѓани живеат со само 150 денари на ден. Сиромаштијата го разјадува здравјето на луѓето и на Македонија“, вели тој.