Што порача Мицкоски: Зборува за луксуз, подава рака и копнее за поддршка од граѓаните за победа на избори
Народот води борба за опстанок, а Владата јаде од златни лажици и се вози со скапи лимузини. Ова е ставот на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ преку кој вети дека нема да разочара никого кој ќе му даде поддршка да дојде на власт. Пред присутните на протестот кажа дека тој го има народот, а власта има институции. Се заблагодари на сите кои дошле да дадат поддршка за протестот.
„Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата која ни припаѓа. Нека се чуе на сите страни дека во Македонија се случува – народ. Одлучноста за промени е толку голема бидејќи народот нема што да загуби. Власта удри по стандардот, земјоделието, перспективата, економијата. Булеварите, раскрсниците и плоштадите се полнат секојдневно со луѓе што просат. Контејнерите се пребарувани од луѓе од различни нации бидејќи гладот не знае за вера или нација“, рече Мицкоски.
Според него, имало закани и притисоци од власта за да не се присуствува на протестот.
„Подавам рака за овој договор, заедно да ги менуваме работите на подобро. Го имате мојот чесен збор и на илјадниците други наши сограѓани кои останаа дома пред екраните, а не се чувствуваат комотно, ама во срцата знаат дека промени мора да има. Оваа битка ја борам за вас и за вашата поддршка секојдневно копнеам. Поддршката од секој е неопходна за пораз на СДСМ и казна на оваа криминална и предавничка власт“, додаде Мицкоски.
Тој посочи: „За премиерот кој се смее дека оваа преубава земја била западна Бугарија и тој нека знае дека ова парче земја, за нас, била и ќе биде нашата мајка Македонија. Тоа е таа љубов која ја сакаме до болка, која ја сакаме, мечтаеме“.