Мицкоски на маса со Филипче: Сакам да се знае дека одговорност, мудрост и чесност и се повеќе од потребни на Македонија!


Премиерот Христијан Мицкоски објави фотографии од средбата со лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Средба каде разговараме за актуелните случувања, и од која сакам да се знае дека одговорност, мудрост и чесност и се повеќе од потребни на Македонија!“, напиша Мицкоски.
Во овој состанок нема етничка основа, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој отиде на средба со премиерот Христијан Мицкоски. Тој од пред Владата посочи дека очекува конструктивен разговор.
„Очекувам конструктивен разговор, навистина ми е драго што премиерот го прифати состанокот уште веднаш. Жалам што одредени политички партии уфрлија етничка димензија. Повикот за меѓупартиска средба е за сите партии. Ќе поразговараме за темите кои сметам дека заеднички треба да се менаџираат. Темите ги нафрлив вчера, денеска ќе се обидам подетално да му ги објаснам, така како што мене ми е размислувањето. Отворен сум да разговараме за сите опции. Внимателен оптимист сум“, рече Филипче.
