Свет

Курти: Следната недела ќе биде клучна за енергетскиот договор

Премиерот Албин Курти изјави дека Белград и Приштина се многу блиску до постигнување енергетски договор и оцени дека следната недела е клучна за финализирање на договорот за почеток на имплементација на тој договор.

Тој на прес-конференцијата рече дека ништо нема да се додаде на договорот, освен претходно договорени надлежности за четири општини на северот на Косово и Метохија, пренесува Коха диторе.

– Треба да се запомни дека се работи за четири претходно договорени услуги – поставување броила за енергија, одржување на броила, фактурирање и плаќање – рече Курти.

– Деновите од следната недела се клучни за да видиме дали ќе се финализира договорот за почеток на имплементација на енергетскиот договор – рече Курти.

Говорејќи за дијалогот со Белград, Курти смета дека во Брисел нема повеќе функционери кои би биле против „взаемното признавање“ на крајот од процесот на нормализација.

– Во ЕУ има функционери кои тоа го кажуваат погласно, но нема повеќе во Брисел кои не разбираат и не прифаќаат дека нормализацијата на односите значи взаемно признавање – тврди Курти.

Вака Курти ја коментираше изјавата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ која вчера во Охрид рече дека преговарачката позиција на ЕУ со Србија е јасна во форма на официјален документ во кој не се споменува признавањето на Косово од Србија.

Курти, исто така, ја доведе во прашање изјавата на Брнабиќ дека на Косово и Метохија не се случил геноцид и дека не се точни бројките дадени од новинар во Охрид кој тврди дека на Косово и Метохија биле убиени 1.000 деца и силувани 20.000 жени, и посочи дека аукцијата од бројот на убиени и силувани ги понижува вистинските жртви.

Според него, тоа е „намалување, искривување, неподнослива невистина“. Курти тврди дека во „само една“ масовна гробница во Батајница биле ексхумирани 744 тела на Албанци, а во Србија во масовни гробници биле ексхумирани вкупно 950 Албанци.

Тој тврди дека Брнабиќ се стреми да ги „минимизира злосторствата“, а таквиот пристап кон Приштина е веќе познат од примерот, како што рече, на односот на Белград кон злосторството во Сребреница.

На почеток