„Нашиот став е јасен – Србија и Црна Гора мора да имаат најдобри можни односи“, вели Мандиќ


Отворениот Балкан е во интерес на Црна Гора и на сите други земји од регионот кои можат да се приклучат на оваа иницијатива, изјави Андрија Мандиќ.
Еден од лидерите на Демократскиот фронт истакна дека оваа иницијатива може да придонесе за подобрување на односите меѓу Подгорица и Белград и статусот на српскиот народ во Црна Гора.
Мандиќ е убеден дека овој проект може да и донесе само добро на Црна Гора и смета дека е важно да се знае тоа.
На констатацијата дека има дел од политичката јавност што се спротивставува на тоа, Мандиќ во интервју за порталот РТЦГ истакна дека тие што се против „се уште немаат наведено разумна причина зошто се противат, освен, очигледно, поради гола омраза кон Србија и нејзиниот претседател Вучиќ, на кој се гледа како главен носител на оваа иницијатива“.
„Сведоци сме дека Отворениот Балкан е силно поддржан од најголемите сили во светот, пред се од САД, па не знам зошто ДПС и некои други, кои несомнено слушаа се што доаѓа од таа адреса, имаат ваков став. Соработката во регионот е клучна во време кога глобалната криза се продлабочува, бидејќи „големите“ се зафатени со своите проблеми. Отворениот Балкан е добар за Црна Гора и тоа ќе се покаже многу наскоро“, рече Мандиќ.
На прашањето за положбата на српскиот народ во Црна Гора денес во однос на пред две години, Мандиќ рече дека не е добар.
„Позицијата на српскиот народ не е добра и покрај тоа што автократскиот режим на Мило Ѓукановиќ беше соборен со силата на таа национална заедница во 2020 година. На српскиот народ му беше ускратена таа победа бидејќи владите на Здравко Кривокапиќ и Дритан Абазовиќ не го прекинаа поранешниот режим. Поради тоа се влошија и искомплицираа односите меѓу Србија и Црна Гора“, рече Мандиќ.
Тој посочува дека Отворениот Балкан ќе овозможи односите меѓу двете земји на брз и ефикасен начин да се подобрат и да го достигнат потребното ниво како што беше во минатото.
„Нашиот став е јасен – Србија и Црна Гора мора да имаат најдобри можни односи и затоа ние упорно работиме на тоа и веруваме дека некои други ќе ја сфатат важноста на овие односи како и големиот број на можности што им се даваат на сите Црногорски граѓани. припадници на српскиот народ или не“, јасен е Мандиќ.
Запрашан за Основниот договор меѓу Црна Гора и Српската православна црква, Мандиќ очекува тој наскоро да биде потпишан.
„Се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро. Не е природно, не е логично Српската православна црква, која ја создаде Црна Гора, да биде дискриминирана во однос на другите верски заедници во Црна Гора. Видовме дека постои силен отпор во Владата да го потпише договорот, како што беше досега во владата на Здравко Кривокапиќ“, изјави Мандиќ.
Тој вели дека наскоро ќе добиеме одговор на прашањето за потпишување на Основниот договор со СПЦ и ќе видиме дали Абазовиќ ќе го стори истото како Кривокапиќ или не.
