Актуелно

Русите: Не ни се обратија

Руската амбасада во Вашингтон не добила официјален допис од американската страна во врска со американските државјани кои биле заробени во Украина.

„Амбасадите не ни се обратија“, изјави рускиот амбасадор Анатолиј Антонов.

Претходно портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека САД побарале од Русија информации за затворениците, но не добиле одговор, пренесува Спутник.

Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека е „ужасно“ што руски функционер сугерирал дека Американците заробени во Украина може да добијат смртна казна.

„Ужасно е функционер во Русија да предложи смртна казна за американските граѓани во Украина“, изјави Џон Кирби, портпарол на Белата куќа.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека заробените американски државјани се предмет на судски одлуки и не ја отфрли можноста тие да бидат осудени на смрт.

Тој во понеделникот во интервју за американската телевизиска мрежа NBC рече дека двајцата Американци кои биле заробени додека се бореле на украинската страна во војната се платеници кои ги загрозиле животите на руските војници и дека тие треба да одговараат, јавува Гласот на Америка.

Вашингтон ја отфрли изјавата на Песков дека заробените Американци се платеници и дека за нив не важат Женевските конвенции.

„Очигледно, ние не се согласуваме со тоа и јасно ѝ го пренесовме тоа на руската влада“, изјави неименуван висок функционер на Стејт департментот на прашањето на новинарите да ја коментира изјавата на портпаролот на Кремљ, пренесе Ројтерс.

На почеток