Свет

Прелиминарна проценка по земјотресот: Потребни се уште 15 милиони долари за помош

ОН направија прелиминарна проценка на ситуацијата во Авганистан по последниот земјотрес и бараат дополнителни 15 милиони долари за итна помош, изјави координаторот на ОН за хуманитарни прашања за Авганистан, Рамиз Алакбаров.

– Прелиминарните потреби што ги проценивме денеска веќе бараат дополнителни 15 милиони долари, а не знам колку ќе им требаат утре – рече Алакбаров во своето обраќање пред медиумите.

Тој посочи дека ситуацијата во Авганистан е уште потешка поради лошите временски услови.

– Вчера имавме снег во некои делови на Авганистан. Од вчера има пад на температурата и дожд – рече Алакбаров.

Според него, ОН немаат големи машини потребни за извлекување луѓе од под урнатините, а ќе се потпрат на авганистанските власти, кои не бараат дополнителна опрема, пренесе РИА Новости.

Во силниот земјотрес што го погоди Авганистан, според последните податоци, загинаа 1.000 луѓе, додека околу 1.500 се повредени, соопштија претходно официјални лица.

На почеток