Актуелно

„Земјата која не сака да биде распарчувана“, осамна текст за Македонија во француски весник

Францускиот сатиричен неделник „Шарли Хебдо“ со текст на авторот Жан-Ив Ками се осврнува на случувањата околу земјава, за која се наведува дека се бори за влез во Европската Унија, а „вината за нејзините маки“ треба да се бара кај нејзините соседи, кои се растргнати поради идентитетот на државата.

„Да се дојде во Скопје во јуни 2022 година значи да се посети главен град чии жители го сметаат официјалното име на нивната земја за историска навреда. Официјално, ние сме во Северна Македонија, име наметнато од Европа и меѓународната заедница по договорот потпишан во 2019 година за ставање крај на спорот меѓу Скопје и Атина. Меѓутоа, жителите, барем Словените од православна вероисповед, не попуштаат: тие се Македонци и живеат во Македонија. Ниту од север, ниту од југ: во Македонија и тие се народ, со свој јазик и своја историја, која датира од славната антика“, наведува неделникот.

Но, соседните Грција и Бугарија, пишува весникот, го оспоруваат поимот за посебен македонски идентитет, како последица на што Северна Македонија, која е кандидат за влез во Европската Унија од 2004 година, дури во 2020 година доби зелено светло од Европскиот совет за почеток на пристапните преговори.

„Но, има уште долг пат да се помине, а вината за тоа е во идеолошкото зло на Балканот: антиквизацијата или потрагата по легитимитет со повикување на исчезнатите империи за да се консолидира процесот на национално формирање што сè уште не е завршен“, објаснува „Шарли Ебдо“

Весникот, како што пренесува дописникот на МИА, наведува дека Балканот е мозаик на испреплетени народи, посочувајќи дека граѓаните на Северна Македонија се претежно христијански Македонци, но четвртина од населението се Албанци.

„Приштина, главниот град на Косово, е на само 90 километри од Скопје. Групите кои се залагаат за Голема Албанија се надвор од игра, но етничката поделба во Скопје е очигледна: од едната страна на мостот со поглед на Вардар се Албанците и Ромите, а од друга Словените. Евреите (останаа 200) веќе никому не му пречат: пронацистичкиот бугарски окупатор испрати 7.200 нивни предци во Треблинка“, продолжува објаснувањето на сатиричниот неделник.

На почеток