101-годишен старец осуден на пет години затвор, бил чувар во нацистички логор
101-годишен старец денеска во Германија е осуден на пет години затвор за соучесништво во 3.518 убиства бидејќи служел како чувар во нацистичкиот концентрационен логор Заксенхаузен за време на Втората светска војна.
Казната ја изрече регионалниот суд во Нојрупин.
Мажот, чие име не беше објавено, негираше дека работел како чувар на СС во овој логор и дека помогнал или олеснил убиството на неколку илјади затвореници.
На судењето, кое започна во октомври, човекот рече дека бил работник на фарма недалеку од Пазевалк во североисточна Германија во периодот опфатен со обвинението.
Судот заклучи дека е докажано оти тој работел во логорот во предградијата на Берлин од 1942 до 1945 година како член на паравоеното крило на нацистичката партија, пренесе агенцијата ДПА.
Претседавачкиот судија Удо Лехтерман нагласи дека обвинетиот со тоа и помагал на нацистичката машинерија за убиства и терор.
– Со вашите активности свесно го поддржавте ова масовно истребување – истакна судијата.
Обвинителството го засноваше својот случај на документи за чуварот на СС чие име, датум и место на раѓање се совпаѓаат со податоците за обвинетиот. Обвинителството располагаше со друга документација.
Човекот можел само делумно да присуствува на судењето и да го следи околу два и пол часа дневно. Процесот неколку пати беше прекинуван поради неговите здравствени проблеми и престојот во болница.