„Киев може да го прекине конфликтот до крајот на денот“, вели Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека украинската страна може да ги запре непријателствата со наредба на украинската армија да го остави оружјето.
Коментирајќи го повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски до Западот да ја зголеми испораката на оружје за Киев, Песков рече дека украинската страна би можела да заврши со конфликтот до крајот на денот и дека е неопходно да се издаде наредба до украинската армија да го положи оружјето и да се исполнат условите на Русија.
„Сè друго се размислувања на шефот на украинската држава. Се водиме од изјавите на нашиот претседател: специјалната воена операција се одвива според планот и ги постигнува своите цели“, рече Песков, пренесува Интерфакс.
Кремљ денеска оцени дека НАТО е агресивен блок кој е создаден заради конфронтација, што, како што наведува, го покажува и денес.
„НАТО е прилично агресивен блок. Ова е блок создаден со цел конфронтација и продолжува да ја покажува својата суштина и да ги исполнува своите имплицитни задачи: придвижување на инфраструктурата на НАТО кон нашите граници. Тоа е процес кој трае веќе две децении и повеќе, и има свое продолжение, свесни сме за тоа“, рече Песков во разговор со новинарите.
Тој исто така нагласи дека руското Министерство за одбрана развива планови за соодветно зајакнување на западните граници во контекст на новите опасности што ги генерираат овие акции на Северноатлантската алијанса, пренесува РИА Новости.