(ВИДЕО) Катастрофа во Јордан: Најмалку 13 загинати во експлозија од која се издигнал жолт отровен чад
Најмалку 13 лица загинаа, а околу 250 се повредени при истекување на отровен гас во пристаништето Акаба на југот на Јордан, соопштија денеска властите.
Според портпаролот на Управата за јавна безбедност, истекувањето дошло вчера откако цистерна со 25 тони хлор паднала од кран при транспорт во пристаништето, на североисточниот брег на Црвеното Море, пренесува АП.
Падот на резервоарот предизвикал експлозија поради која во воздухот се издигнал облак од жолт отровен чад.
Видеото на државната телевизија го сними моментот кога резервоарот за складирање падна од кран и удри во палубата на бродот, а потоа експлодира, како и луѓето кои бегаат од жолтиот облак што се издига.
Јорданската државна телевизија објави дека загинале 13 лица, а друга државна телевизија наведува дека 199 лица се уште се во болницa, додека Управата за јавна безбедност објави дека во инцидентот се повредени вкупно 251 лице.
Локалните власти апелираа до граѓаните на Акаба да останат во своите домови и да ги затворат прозорците.
Областа каде што се случи експлозијата во заливот Акаба е оддалечена околу 20 километри од израелскиот град Еилат, кој исто така е загрозен поради отровниот гас.
Акаба има 188.000 жители, а околу 50.000 живеат во Еилат. Двата града се поврзани со копнен граничен премин, според АП.
Breaking: spread of toxic gas in the port of Aqaba Jordan #ميناء_العقبه#الأردن #Jordan pic.twitter.com/5YnSzKt6uo
— Hashtag Elyoum (@Hashtagelyoum) June 27, 2022