Груби јавно го пофали Ахмети: Тој направил повеќе за Косово отколку за Македонија
Нашиот лидер Али Ахмети направил повеќе за Косово, отколку за С. Македонија и врз основа на овој факт, Ахмети не може да направи или да мисли ништо лошо за Приштина, изјави македонскиот вицепремиер Артан Груби за ТВ Еуроњус од Албанија.
На гостувањето во емисијата Балкански муабети на новинарот Франко Ерго, за која Груби објави и на својот профил на Фејсбук, зборуваше за односот помеѓу високите функционери на ДУИ и за Косово.
На прашањето дали преку иницијативата Отворен Балкан Ахмети и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, двајцата Албанци, му прават штета на Косово, Груби рече дека Ахмети направил повеќе за Косово, отколку за Македонија и дека врз основа на овој факт, Ахмети не може да направи или да мисли ништо лошо за Косово, пренесуваат медиуми на албански јазик.
Освен тоа дека Ахмети направил повеќе за Косово отколку за Македонија, Груби истакнува дека во четири земји „доминираат албанските елементи“.
– Косово во која било регионална иницијатива е четврта земја со Албанци, a го имате Един, мене и Али, го имате и Дритан. Во четири од шесте земји на Западен Балкан доминираат албански елементи и не можат да дозволат Косово да биде оштетено и дискриминирано, истакна Груби.
Тој додаде дека Косово би имало многу можности и придобивки од Отворен Балкан.
– Можете да учествувате како набљудувач, како што тоа го прави Дритан, можете да одлучите дека билатералните договори се само билатерални. Косово може да ги потпише тие договори за слободно движење на луѓе и стоки за да си помогне и да си помогнеме меѓусебно, меѓу Приштина и Скопје, Приштина и Тирана, изјави Груби.