(ВИДЕО) Ковачевски не одговори дали има поддршка од сите коалициони парнтери: На следен состанок ќе имаме став


Нема конкретен одговор дали Договорот за добрососедство ќе ја внесе историјата во преговорите на Македонија со ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски објаснуваше за добивките од влезот во ЕУ, наместо да даде одговор што ќе донесе вметнувањето на овој договор во преговарачката рамка.
„Во однос на Договорот за добрососедство, подоцна ќе објаснат Маричиќ и Османи. ЕУ почива на добрососедски односи. Доколку ги погледнеме земјите членки на ЕУ, сетете се на Првата светска војна. Сите тие ги надминале разликите. И заедно седат, градат внатрешна, надворешна монетарна политика. Го развија најголемиот светски економски пазар“, посочи меѓудругото Ковачевски.
Ковачевски не одговори ниту дали ќе инсистира сите партии да го прифатат францускиот предлог.
„Сметам дека сите политички партии треба консезуално да се борат за подобра иднина на оваа држава. Може човек да одлучи да биде сам изолиран, политичка партија да биде изолирана, но не смее да дозволи државата да биде изолирана. Оваа држава“, кажа Ковачевски.
Премиерот ја повика опозицијата да го погледне предлогот.
„Во однос на т.н. првичен предлог кои беа идеи и нацрти во однос на тоа како би изгледал предлогот, забелешки имав и јас. Сите имавме забелешки, но еден мораше тоа да го каже во Брисел. Јас тоа го направив. Ни тогаш не постоеја разлики помеѓу коалиционите партнери. Некои тоа го кажуваше јавно, другите на место каде беше најсоодветно, а тоа е таму каде седеа сите лидери. Коалицијата денеска беше информирана во однос на предлогот, ние разговарамве. Сите имавме државничка дискусија. Сите лидерии имаа свои партии, ќе разговараат. На следен состанок ќе имаме заеднички став“, кажа Ковачевски.
