За над 20 милиони евра кои ќе и ги даде на државата, Мијалков доби само три години затвор за „Империја“
Сашо Мијалков, кој беше директор на тајната полиција односно УБК, на државата ќе и исплати над 22 милиони евра, во пари и имот, а во гевгелискиот затвор ќе одлежи и три години, за со тоа да се запре прогонот против него во предметот „Имеприја“. Овој случај беше еден од најголемите. Во центарот на вниманието на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони.
Сега, Мијалков, дел од имотот на фирмите меѓу кои се над 20 станови, ниви, градежни парцели, ќе го препише на државата. Тоа е дел од спогодбата која ја постигнал. Имотот е во повеќе градови, освен Скопје. Имотот кој не може да се конфискува поради продажба, ќе се наплати од сметката на фирмата „Макпоинт“ каде управител е Мијалков. Не се знае дали оваа спогодба е официјализирана во судот, Обвинителството нема објавено детали.
Инспирацијата за овој случај, пак, обвинителката Лиле Стефанова ја црпеше од Влатко Мијалков, брат на поранешниот директор на УБК, Мијалков. Односно слушајќи ги неговите телефонски разговори во „бомбите“, каде што самиот имал статус на таргет, но и останатите таргети, како Ана Камчева и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, Кристина Камчева, Ненад Јосифовиќ и други соговорници.
За потребите на истрагата „Империја“, дел од осомничените од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година биле под посебни истражни мерки, односно легално со налог на судот биле прислушувани нивните телефонски разговори.