Николоски: Македонија со владата на СДСМ и ДУИ нема да започне преговори, протестите даваат резултат, продолжуваме во недела
Влада која што прифатила ваков понижувачки предлог секако дека треба да падне. Не може да очекува да опстане влада која што директно удира во темелите на државата и пред се во самобитноста на мнозинскиот македонски народ, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското собрание Александар Николоски
Николоски потенцираше дека францускиот предлог директно ги урива темелите на државата и на македонскиот народ, укажувајќи дека токму поради тоа што владата на СДСМ и ДУИ ја носат државата во национална катастрофа треба да си заминат час поскоро.
Првостепено е да се спречи овој предлог кој што директно ги урива темелите на државата и на македонскиот народ, а секако ваква влада која што донесе национална катастрофа, во која што одамна корупцијата цвета, а економијата тоне, треба да си замине ден поскоро и час поскоро затоа што еден ден плус останување на оваа влада значи нови национални катастрофи, економско опустошување и нова можност за корупција, дециден е тој.
Николоски истакна дека тој четири години изјавувал дека Македонија со СДСМ и ДУИ нема да започне преговори со Европската унија, бидејќи никој од лидерите на земјите членки на Европската унија не сака да седи на маса со корумпирани политичари, додавајќи дека владата е спремна да потпише документ во кој што практично пишува дека македонскиот народ не е македонски народ, туку е бугарски народ кој што зборува на дијалект на бугарскиот јазик само за да може да прават криминал уште неколку месеци.
Македонија со оваа корумпирана влада на СДСМ и ДУИ никогаш нема да почне преговори. И Македонија не почнува преговори со ЕУ затоа што на иста маса со корумпирани политичари од ЕУ не сакаат да седат. Очајот за да ја заштитат корупцијата и за да одложат кривична одговорност која што ќе дојде на оваа влада се преточува низ продажба на националните интереси и позиции. И како што пишува во тој бугарски документ владата е спремна на се само за неколку месеци плус да остане на власт. Спремна е да потпише документ во кој што практично пишува да ги поедноставиме работите дека македонскиот народ не е македонски народ, туку е бугарски народ кој што зборува на дијалект на бугарскиот јазик, и на тоа се спремни да го потпишат за само уште неколку месеци да останат на власт за да можат уште некој тендер да направат во РЕК Битола, да дадат лиценца прво за марихуана, а сега за фотоволтаици и да можат членовите на семејството Заеви да се сликаат со ташни „Диор“ од по 4.000, 5.000 евра додека народот не знае како крај со крај да врзе, кажа Николоски.
Во такви услови ова национално предавство е исклучително големо и е еднакво на криминал, затоа што да се заштити корупција се прави национално предавство. За тоа се одговора, но за жал обвинителството е партизирано и политизирано и е под контрола на власта и нема да покрене постапка. Но, за многу брзо време ќе се ослободи тоа обвинителство и покрене постапка ќе видат многу добро што ни се случува, објасни тој.
Николоски посочи дека се предвидени три чекори за спречување на владата да го прифати овој француски предлог, а тоа е продолжување на протестите и блокадите ширум државата бидејќи како што рече тој протестите даваат резултат.
Во недела продолжуваме повторно во 19 часот пред влада и ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат. За оние кои што нема да можат да дојдат во Скопје, ќе продолжат блокадите и низ остатокот на државата. Тоа е првиот и најважен чекор затоа што протестите даваат резултат бидејќи владата планираше ова да го помине пред 3 недели, само заради реакцијата на народот после три недели не е поминато, нагласи тој.
Вториот и третиот чекор доколку власта го прифати францускиот предлог, Николоски истакна дека вториот чекор е силен притисок за предвремени парламентарни избори, а протестите да се претворат во антивладин бунт на народот за рушење на оваа влада, укажувајќи дека со самото тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на уставот и внесување на Бугарите во него, францускиот предлог пропаѓа.
Доколку сепак решат да го изгласаат и поминат вториот чекор е силен притисок за предвремени парламентарни избори. Овие протести треба да се претворат во еден антивладин бунт на народот за рушење на оваа влада. И третиот чекор сакам јасен да бидам пред јавноста, договорот не важи без промена на Уставот. Договорот влегува во сила само кога ќе се промени уставот, а за да се промени уставот е потребно двотретинско мнозинство а такво двотретинско без ВМРО-ДПМНЕ нема па макар и сите да се обединат. И нашиот став е јасен, ние не гласаме за промена на устав, и со самото негласање договорот паѓа, рече Николоски.