Зеленски: Ако Москва може да добие вакво ослободување од санкциите, какви ослободувања ќе бара утре
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, одлуката на Канада да ја врати руската турбина за гасоводот Северен тек 1 во Германија ја оцени како опасна.
Во видео обраќањето, Зеленски потсети дека украинското Министерство за надворешни работи го поканило претставникот на Канада поради, како што смета, апсолутно неприфатливото исклучување од режимот на санкции против Русија, пренесува Интерфакс Украина.
Зеленски смета дека тоа е всушност трансфер во Русија, и прашува ако Москва може да добие вакво ослободување од санкциите, какви ослободувања ќе бара утре.
Според него, ова е многу опасно прашање, не само за Украина, туку и за сите земји од демократскиот свет.
Зеленски тврди дека одлуката за изземање од санкции во Москва ќе биде сфатена исклучиво како знак на слабост и дека сега нема сомнеж дека Русија ќе се обиде не само да го ограничи колку што е можно, туку и целосно да ја запре испораката на гас за Европа на најкритичниот момент.
Претседателот на Украина додава дека се уште е можно да се преиспита одлуката за турбината и оценува дека Русија никогаш не играла според правилата во енергетскиот сектор и нема да игра сега ако не ја види силата.