Америка призна: Помогнавме во неколку државни удари
Поранешниот американски амбасадор во ОН и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, призна дека помогнал во обидите за државен удар во странски земји.
Поранешниот советник на Белата куќа, Болтон, ова го изјави за Си-Ен-Ен по сослушувањата во американскиот Конгрес во врска со инвазијата на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, според Ројтерс.
Членовите на комисијата на Претставничкиот дом што го истражува насилниот упад го обвинија во вторникот поранешниот претседател Доналд Трамп дека поттикнува насилство во неговиот обид да остане на власт по поразот на изборите во 2020 година.
Говорејќи за Си-Ен-Ен, Болтон посочи дека Трамп не е доволно компетентен да изврши „внимателно планиран државен удар“.
„Како некој кој помогнал во планирањето на државните удари, не овде, туку на други места, знам дека е потребно многу напор. И тоа не го правеше Трамп“, рече Болтон.
На новинарско прашање, на кои обиди се однесува, тој рече дека „не сака да навлегува во детали“, но сепак ја спомна Венецуела.
„Се испостави дека тоа не беше успешно. Не дека имавме толку многу работа со тоа, но видов што и требаше на опозицијата во обидот да собори нелегално избран претседател и тие не успеаја“, рече поранешниот американски функционер.
Во 2019 година, како советник за национална безбедност на САД, Болтон јавно го поддржа повикот на венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо до војската да му помогне да го собори социјалистичкиот претседател Николас Мадуро, тврдејќи дека реизборот на Мадуро е нелегитимен, но на крајот Мадуро остана на власт.
„Се чувствувам како да има и други работи за кои не ми кажувате, освен Венецуела“, изјави водителот на Си-Ен-Ен, на што Болтон дал потврден одговор, пренесува Ројтерс.
Многу експерти за надворешна политика во текот на годините ги критикуваа интервенциите на Вашингтон во други земји, од неговата улога во соборувањето на тогашниот ирански премиер Мохамед Мосадег во 1953 година и Виетнамската војна, до инвазиите на Ирак и Авганистан овој век, но тоа не е вообичаено за американските функционери отворено да ја признаат својата улога во предизвикување немири во странски земји, според Ројтерс.