Македонија

Боки 13 не го донесоа во суд, ниту се знае како е, по инфото дека е претепан

Во каква состојба се наоѓа Бојан Јовановски-Боки 13 и натаму се крие од јавноста. Тој денеска не беше спроведен ниту во Граѓанскиот суд, каде се читаше пресудата за случајот каде беше тужен. Пред два дена протекоа информации дека бил нападнат во затворот „Идризово“ поради лоши безбедносни проценки. За оваа информација не сакаа да коментираат од управта на затворот, а ниту денеска нема одговор од Управата за извршување санкции. Ова е прв случај да се известува за нападнат затвореник, односно за Боки 13, по доаѓањето на новиот директор, Шпенд Тахири, чие раководење започна со скандал.

Праксата говори дека Боки 13 бараше да биде носен на секое рочиште за предметот каде е тужен да врати дел од милионот, а тоа беше правено од затворските служби. Како и претходно, така и сега, неговиот спровод не беше задолжителен, но има право на истиот, па тоа беше дозволувано и спроведувано. Овојпат, не беше така, а истото коинцидира со информациите дека Боки 13 е нападнат.

На прашањата каква е здравствената состојба на Боки 13, дали бил нападнат, но и дали е правилно проценета безбедносната состојба, дали е заштитен и во какво одделение се чува, од затворот испратија одговор во кој не одговараат ништо: „За бараните информации обратете се до Управата за извршување на санкции“.

Управата за санкции, односно лицето задолжено за информации од јавен карактер, чиј контакт е јавно објавен, не одговори на поставените прашања. За случајот молчи и директорот Марјан Спасовски, кој и претходно беше обвинуван дека го замолчува Боки 13 да даде интервју за медиумите, иако има право да ги соопшти сите информации кои ги знае.

Денеска Боки 13 ја доби првата судска победа откако против него се отворија неколку случаи. Судијата Андреј Димовски досуди дека Боки 13, Катица Јанева и државата не треба да му вратат никакви пари на бизнисменот Камчев, кој тврдеше дкеа им дал 1,5 милиони.

На почеток