На армискиот полигон „Криволак“ денеска ќе се одржи Ден за високи гости во рамки на билатералната воена вежба „Предизвик 2018“ којашто од 28-ми септември ја изведуваат припадници на АРМ и Вооружените сили (ВС) на Република Словенија.
На денот за високи гости ќе присуствуваат заменик министерот за одбрана Беким Максути, заменик началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Азим Нуредин, амбасадорот на Словенија Милан Јазбец, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Павле Арсоски, генерали од АРМ и ВС на Република Словенија и други гости.
Припадниците на АРМ заедно со колегите од Воените сили на Словенија ќе изведат боеви гаѓања на цели во воздух со лесен преносен ракетен систем (ЛПРС) „Игла С“ и боеви гаѓање на цели на земја со авион „Пилатус ПЦ-9М“ и хеликоптер Ми-24.
Вежбата „Предизвик 2018“ е осма по ред од ваков вид која заедно ја изведуваат припадници на АРМ и Воените сили на Словенија, а совладувањето на заедничката обука, придонесува за зголемување на борбената готовност, оперативната способност, како и интероперативноста на баталјонот за против-воздушната одбрана, кој е во составот на воздухопловната бригада на АРМ. Проектот претставува јакнење на билатералната воена соработка на АРМ со вооружените сили на Словенија, но и можност за промоција на капацитетите на АП „Криволак“ пред останатите армии на земјите членки на НАТО.