Егзекуиран мажот кој уби седум лица
Во Јапонија денеска беше погубен мажот кој во 2008 година уби седум луѓе во преполниот трговски кварт во Токио.
Министерот за правда Јошихиса Фурукава изјави за новинарите дека Томохиро Като (39) бил обесен во притворен центар во Токио, пренесе АП.
Фурукава рече дека смртната казна е оправдан одговор на грозоморно и насилно злосторство и дека укинувањето на најстрогата казна не е соодветно во овој момент.
Тој рече дека Като темелно се подготвил да изврши масовни убиства, како што рече, страшен чин кој довел до крајно сериозни последици, што имало големо влијание врз општеството.
Во јуни 2008 година, Като возеше со својот камион по улица во трговскиот дел во Акихабара, удирајќи во толпа луѓе и уби тројца пешаци, а потоа излезе од возилото и избоде четири лица до смрт и рани 10 други.
Надзорните снимки подоцна објавени од националната телевизија NHK покажуваат како тој купува ножеви два дена пред нападот, се смее со работник во продавницата и повремено прави гестови за прободување со рацете.
Медиумите објавија дека тој објавил неколку пораки на интернет поради очај и предупредувања дека планира да убие луѓе во масовен напад.
Окружниот суд во Токио го осуди Като на смрт во 2011 година, а Врховниот суд ја одби неговата жалба во 2015 година.
Јапонија во моментов има 107 лица осудени на смрт, вклучително и 61 кои бараат повторно судење, рече министерот за правда.