Америка тврди дека Русија користи нуклеарен штит
Соединетите Американски Држави ја обвинија Русија дека ја користи најголемата нуклеарна централа во Украина како „нуклеарен штит“ со стационирање на војници и спречување на украинските сили да возвратат, ризикувајќи катастрофална нуклеарна несреќа.
Државниот секретар Антони Блинкен рече дека Соединетите држави се длабоко загрижени што нуклеарната централа Запорожје, која во март Русија беше обвинета за гранатирање област во нејзина непосредна близина, сега е руска воена база што се користи за цел на блиските украински сили.
„Се разбира дека Украинците не можат да возвратат за да не дојде до страшна несреќа со нуклеарна централа“, рече Блинкен во Њујорк.
Русија оди подалеку од употребата на „човечки штит“, рече Блинкен, посочувајќи дека тоа е „нуклеарен штит“.
Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Микола Точицки, рече дека „потребни се силни заеднички акции за да се спречи нуклеарна катастрофа“ и ја повика меѓународната заедница да го „затвори небото“ над украинските нуклеарни централи со системи за противвоздушна одбрана.
Русите негираа
Русија целосно ги отфрла изјавите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека наводно ја користи нуклеарната централа Запорожје како воена база.
„Во изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 10-тата конференција за ревизија на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, се слушнаа обвинувања дека руските вооружени сили ја користат нуклеарната централа Запорожје како воена база. Ние целосно ги отфрламе таквите обвинувања. Повеќе пати сме изјавиле дека дејствијата на нашите вооружени сили на никаков начин не и’ наштетуваат на нуклеарната безбедност на Украина и не се мешаат во нормалното функционирање на станицата“, нагласува руската страна.
Во коментарот на руската делегација, објавен на веб-страницата на постојаната мисија на Русија во ОН, се наведува дека во нуклеарната централа Запорожје нема руски вооружени сили, освен ограничен број војници неопходни за нејзина заштита.
Исто така, се посочува дека во последните месеци, украинските вооружени сили извршиле низа провокации со помош на беспилотни летала, вклучително и оние испорачани од земјите-членки на НАТО, со цел да го нарушат нормалното функционирање на станицата, како и да го заплашат нејзиниот персонал, со цел да ја поткопаат безбедноста на нуклеарната централа и конечно да создадат закана од нуклеарна катастрофа.
„Разговаравме за ова, меѓу другото, на состанокот на Советот за безбедност на ОН на 29 јули. Киев презема такви чекори со целосна поддршка на САД и другите западни земји“, истакна делегацијата.
Нуклеарната централа Запорожје се наоѓа на левиот брег на реките Днепар, во близина на градот Енергодар. Таа е најголемата нуклеарна централа во Европа по број на единици и капацитет. Станицата има шест енергетски блокови VVER-1000, секој со капацитет од 1 гигават.
Електраната од март ја чува руската армија. Министерството за надворешни работи на Русија ја нагласи оправданоста на преземањето на контролата врз електраната од страна на руската армија во смисла на спречување на истекување на нуклеарни и радиоактивни материјали. Министерството потсети и дека станицата во моментов е контролирана од украински оператор.