Кина го забрани увозот на цитрус од Тајван и извозот на песок во Тајван
Кина го забрани увозот на цитрус и некои рибни производи од Тајван и извозот на природен песок на тој остров, објавија кинеските власти еден ден откако претседателот на Претставничкиот дом на САД го посети Тајван, и покрај жестокото противење од Пекинг.
Портпаролот на кинеската Тајванска канцеларија Ма Ксијаогуанг денеска изјави дека е забранет увозот на грејпфрут, лимони, портокали и други агруми, како и два вида рибни производи од Тајван. Во посебно соопштение, кинеската царина објави дека забраната за увоз на цитрус е воведена поради „прекумерно количество пестициди“, додека причината за забраната за увоз на производи од риба е наведена како „превенција од ковид-19“.
Во исто време, кинеското Министерство за трговија објави дека го забранува извозот на неговиот природен песок во Тајван. Природниот песок, инаку, е клучна компонента за производство на полупроводнички чипови, што е исклучително важна економска гранка за Тајван.
Како одговор на кинеската одлука, Тајван објави дека забраната за увоз на песок од Кина ќе има само „ограничен ефект“, додавајќи дека побарувачката на Тајван за кинески песок во последните години била „помалку од 1%“ од вкупната побарувачка.