Актуелно

Агресијата против нашата земја е неоправдана, инвазивна и терористичка, порача Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Амнести интернешнал (АИ) за „обид да ѝ даде амнестија на терористичка држава“ Русија, откако невладината организација го обвини Киев дека ги загрозува цивилите во војната со Москва.

„Ја префрла одговорноста од агресорот на жртвата“, рече тој.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во четвртокот изјави дека е „огорчен“ од „неправедните“ обвинувања на невладината организација.

Во извештајот објавен во четвртокот по четиримесечна истрага, АИ ја обвини војската на Украина за поставување воени бази во училишта и болници и започнување напади од населени области, тактики за кои рече дека го прекршуваат меѓународното хуманитарно право.

„Агресијата против нашата земја е неоправдана, инвазивна и терористичка. Ако некој напише извештај во кој некако се изедначуваат жртвата и агресорот, ако се анализираат некои податоци за жртвата, а се игнорираат делата на сторителите, тоа е неоправдано и не може да се толерира“, додаде Зеленски во дневната видео изјава.

Од своја страна, Кулеба ја обвини АИ за „создавање лажна рамнотежа на угнетувач и жртва, земја која уништува стотици и илјадници цивили, градови, територии и земја која очајно се брани“.

„Престанете да ја создавате оваа лажна реалност, каде што секој е донекаде виновен за нешто, и почнете систематски да ја презентирате вистината за она за што всушност Русија денес се залага“, додаде тој.

Амнести интернешенел, сепак, во својот извештај инсистираше дека украинските тактики „во никој случај не ги оправдуваат неселективните руски напади“ што го погодија цивилното население.

На почеток