Свет

Се запали и урна трет резервоар за нафта на Куба

Трет резервоар за сурова нафта се запали и се урна на главниот терминал во Матанзас, Куба, изјави гувернерот на таа провинција, Марио Сабинес.

Како што е прецизирано, пожарот вчера се проширил врз истурената нафта од друг резервоар, кој се запали пред два дена во најголемата индустриска несреќа на Куба во последните неколку децении.

Гувернерот на провинцијата Матанзас, Марио Сабинес изјави дека пожарот личи на „олимпискиот пламен“ и дека се движел од еден резервоар во друг.

Тој додаде дека црн чад се кренал на целата област и дека ситуацијата е „комплицирана“.

Сабинес рече и дека кубанските власти направиле напредок во локализирањето на пожарот во текот на викендот, откако пристигнала помош од Мексико и Венецуела, но доцна синоќа пожарот почнал да се шири од втор резервоар, кој се урнал.

Матанзас е најголемото пристаниште на Куба за примање сурова нафта и гориво, а земјата се потпира на нафта за производство на поголемиот дел од својата електрична енергија, пренесува британската агенција.

На почеток