Свет

Обединети Нации за ситуацијата во Појасот Газа: Примирјето е кревко

Советот за безбедност на ОН во понеделник одржа итен состанок за да разговара за ситуацијата во Појасот Газа.

Неколку земји-членки изразија загриженост поради кревкото примирје меѓу Израел и палестинскиот исламски џихад, по тридневните израелски воздушни напади на таа територија, пренесува Ал Џезира.

Во видео обраќањето на почетокот на состанокот, претставникот на Обединетите нации (ОН) за Блискиот Исток Тор Венесланд истакна дека продолжувањето на непријателствата ќе има „погубни“ последици.

„Примирјето е кревко. Секое обновување на непријателствата ќе има само поразителни последици за Палестинците и Израелците и ќе го направи секој политички напредок по клучните прашања недостижен“, рече мировниот пратеник на ОН.

Рускиот амбасадор Василиј Небензја истакна дека Советот е „длабоко загрижен од ваквиот развој на настаните, кој може да доведе до обновување на воен конфликт од целосен обем и дополнително влошување на и онака тешката хуманитарна ситуација во Газа“, според Ал Џезира.

Израел започна силно бомбардирање на позициите на Исламскиот џихад во Газа во петокот, а палестинските милитанти одговорија со истрелување повеќе од илјада ракети во знак на одмазда, според израелската војска.

Примирјето со посредство на Египет во неделата стави крај на најтешкиот конфликт во Газа од минатогодишната 11-дневна војна, во која загинаа 44 лица, меѓу кои 15 деца, а беа повредени стотици други во енклавата, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Двете страни го задржаа правото да одговорат доколку дојде до прекршување на договорениот прекин на огнот, наведува Ал Џезира.

На почеток