Свет

Несреќа во забавен парк во Германија, над 30 лица се повредени

Повеќе од 30 лица се повредени, од кои двајца потешко, во несреќа во забавниот парк Леголeнд во Германија, откако се судриле два воза на тобоганот.

Инцидентот се случил недалеку од градот Гинзбург во Баварија, а на местото се испратени три хеликоптери, јавуваат германските медиуми.

Се уште не е јасно што го предизвикало инцидентот, јавува Би-Би-Си.

Како што јави германската новинска агенција ДПА, несреќата се случила откако еден воз силно закочил, а друг воз удрил во него.

Баварскиот Црвен крст, кој учествуваше во спасувањето, соопшти дека 15 лица се пренесени во болници по инцидентот.

Оние кои се уште останале заглавени во возот по несреќата морале да бидат евакуирани со помош на две противпожарни возила.

„Генерално, несреќата беше прилично блага“, се вели во соопштението на Црвениот крст.

Според веб-страницата Legoland, тобоганите можат да возат деца на возраст од шест и повеќе во придружба на возрасни, или деца на возраст од осум или повеќе без придружба.

Овој воз е дизајниран да личи на змеј што дише оган, а на својот пат поминува низ темна затворена област, пред да излезе на отворено по голема кривулеста пруга со брзина од 29 километри на час.

Минатата недела, 57-годишна жена загина во неповрзан инцидент во друг забавен парк во Германија, кога паднала од воз во движете, пренесуваат светските агенции.

На почеток