Хрватска планира проекти вредни 180 милиони евра: Ќе се гради и нов гасовод


Со цел да се зголеми безбедноста во снабдувањето со гас, хрватската влада донесе нова одлука.
Станува збор за одлуката за изградба на гасоводот Злобин – Босиљево и зголемување на капацитетот на терминалот ЛНГ на Крк на 6,1 милијарди кубни метри гас годишно, со вкупна вредност на инвестицијата од 180 милиони евра.
„Тоа е стратешка одлука бидејќи го удвојуваме капацитетот на ЛНГ терминалот на Крк, а ќе изградиме и нов гасовод, се со цел да ја зајакнеме безбедноста на снабдувањето со гас во Република Хрватска, но и да се позиционираме како лидер во новата распределба на билети кога зборуваме за енергијата во овој дел од Европа“, рече министерот за економија и одржлив развој Давор Филиповиќ на владината седница.
Вкупната вредност на инвестицијата е 180 милиони евра, од кои планот е 25 милиони евра да се инвестираат во проширување на капацитетот на ЛНГ, а 155 милиони евра во проширување на гасоводната мрежа, пишува Пословни дневник.
„Европските пари ќе се користат максимално за финансирање инвестиции, секако со поддршка на средства од државниот буџет“, рече Филиповиќ.
