Ќе направи ли Русковска драма, повика куп новинари и камери
Суспендираната шефица и обвинителка Вилма Русковска денеска ќе се жали од републичкиот обвинител Љубомир Јовески поради тоа што ја оддалечи од работното место и ѝ покрена дисциплинска постапка. Русковска тоа ќе го направи со доза на драма. Според информациите, таа повикала куп новинари да присуствуваат пред Советот на јавни обвинители во моментот кога таа ќе ја поднесува жалбата со која ќе бара да ја вратат на работа. Од неа, се очекува да „удри“ по Јовески, да го нападне јавно, а откако и претходно го прогласи за ненадлежен.
Русковска три дена ја пишуваше жалбата. Во неа детално елаборирала за секој сегмент од суспензијата, а која ја доби по кривичната пријава за незаконско постапување. Всушност, Русковска како лице со командна моќ, се смета за лице одговорност за незаконскиот претрес во Финансиската полиција.
По поднесена претставка за извршен незаконски претрес во Финансиската полиција, двајца обвинители од Републичкото јавно обвинителство надлежни за надзор над Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, направија увид во предметот, по што изготвија извештај во кој констатираа дека има неправилности при постапувањето во предметот. Три дена по изготвувањето, тој беше доставен до Финансиската полиција и јавноста.
Најпрво се наведува дека Трајчева и Јосифовска биле ненадлежни да постапуваат по предметот, бидејќи не се дел од тимот обвинители кои утврдуваат одговорности кај лица со полициски овластувања.
Потоа, се посочува дека претресот е направен иако во списите немало ниту докази за основано сомнение за сторено кривично дело туку само кривична пријава. Исто така, во него стои дека Трајчева не дала информации до Републичкото обвинителство иако тоа било побарано од неа. За дозволата за претрес добиена од Кривичниот суд, се вели дека е добиена со давање погрешни информации.