Актуелно

„НАТО ги игнорира „црвените линии“ обележани од Москва“, вели рускиот заменик-министер за надворешни работи

Односите меѓу НАТО и Русија се повеќе се заоструваат. Нови предупредувања доаѓаат од Москва.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ја оцени како крајно ризична деструктивната политика на НАТО, која ги игнорира „црвените линии“ обележани од Москва.

Во интервју за рускиот весник „Известија“ тој рече дека тоа води до натамошна ескалација што може да доведе до воен конфликт меѓу нуклеарните сили со сериозни последици.

Рјабков, исто така, укажа на ризиците од употребата на нуклеарно оружје и посочи дека земјите со нуклеарен арсенал мора да се придржуваат до постулатот за недозволивост на меѓусебна војна.

„Со влошувањето на украинската криза, која беше предизвикана по вина на режимот во Киев и неговите западни покровители, оваа порака не само што не ја изгуби својата актуелност, туку и доби дополнително значење“, нагласи Рјабков.

Тој потсети дека руската доктрина хипотетички дозволува употреба на нуклеарен арсенал само како одговор на агресијата со употреба на оружје за масовно уништување против самата Русија и нејзините сојузници или во случај кога е загрозено самото постоење на земјата.

„Со други зборови, употребата на нуклеарно оружје од страна на Русија е можна само како одговор на напад – за самоодбрана во вонредни околности. Нема простор за нагаѓања и фантазии“, рече Рјабков.

На почеток