Актуелно

Косово објави фотографии од уметнички артефакти, ги бара назад од Србија

Косовското Министерство за култура, млади и спорт објави уште неколку фотографии од уметнички артефакти, вкупно дванаесет за нешто повеќе од два месеци, за кои тврдат дека „илегално ги држи Србија“.

Косовското Министерство за култура објави фотографија од бронзена светилка, за која велат дека е „откриена во северната некропола на археолошкиот локалитет Улпијана, му припаѓа на римскиот период (1 – 2 век н.е.) и е еден од 1247-те експонати што Србија неправедно ги држи повеќе од две децении“.

Ова е само еден од артефактите кои Косово ги бара назад. Имено, тие пред неколку дена објавија фотографија од „типично илирски“ шлем од металното доба (6-5 век п.н.е.), кој, како што велат, е пронајден во Пеќка Бања.

Потоа беше објавена уште една фотографија – црвена монохроматска хемисферична вазна, украсена со кафени геометриски мотиви од раниот неолит (7-6 милениум п.н.е.), за која се тврди дека е откриена во Рудник кај Србица.

Во врска со тврдењата на Приштина и честото барање за „враќање“ на артефактите на Косово, српското Министерство за култура, исто така, во неколку наврати објави дека Приштина „продолжува со кампањата за обиди за одземање на културното наследство и негова злоупотреба при изградбата на не- постоечка државност и културен идентитет.“

Министерството за култура на Србија сè уште не ги искоментира последните тврдења од Приштина.

На почеток