Италија пополни 80 отсто од капацитетот за складирање на природен гас
Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека земјата пополнила 80 отсто од капацитетот за складирање на природен гас.
Драги истакна дека Италија е на добар пат до октомври да пополни 90 проценти.
На летниот фестивал во Римини, Драги рече дека со наоѓање нови извори за снабдување со гас, од Алжир до Азербејџан, Италија ја намалила зависноста од рускиот гас од минатогодишните 40 на 20 проценти.
Тој додаде дека до есента 2024 година, Италија може да стане целосно енергетски независна од Русија, доколку инсталира две нови постројки за регасификација.
„Нашата цел да се диверзифицираме од рускиот гас беше од суштинско значење за да им обезбедиме на граѓаните и бизнисите поголема сигурност во однос на стабилноста на снабдувањето“, рече Драги.
Тој поднесе оставка минатиот месец откако клучните десничарски партии ја повлекоа поддршката за неговата влада.
Драги ќе остане на функцијата до формирањето на новата влада, по парламентарните избори на 25 септември.