Приземјен H-47, еден од симболите на американската војска
Армијата на САД ја приземји својата флота од хеликоптери H-47 Chinook, икони на американските војни од Виетнам до Блискиот Исток.
На тој потег се одлучиле поради неколку случаи на пожари на мотори, изјавила вчера американската армија, пренесува Дефенс пост.
Така, околу 400 добро вооружени, „тешки“ хеликоптери Chinook ќе бидат надвор од употреба, поради она што производителот на мотори Honeywell го опишува како „сомнителни О-прстени“ кои се надвор од спецификацијата и се користат на некои од авионите. Honeywell наведува дека не е одговорна за овие прстени, но не наведува кој ги произвел и инсталирал.
„Армијата ја идентификуваше причината за истекување гориво што доведе до мал број пожари на моторот во изолиран број хеликоптери H-47 и спроведува мерки за решавање на проблемот“, рече портпаролката на американската армија Синтија Смит.
„Иако тоа не резултираше со смртни случаи или повредени, војската привремено ја приземји флотата Х-47 за да избегне какво било сомневање додека не се спроведат горенаведените мерки“, рече таа.
Хеликоптерите Chinook, кои покрај САД ги користат и Британија и речиси 20 други земји, ги произведува Боинг.
Тие имаат два ротори и можат да носат голем товар и се добро вооружени за борбени ситуации.
Оваа година Германија изјави дека планира да купи 60 од овие авиони.