„Северен тек“ работи со 20% од предвидениот капацитет, поради санкциите влегоа во сопствената замка, вели Милер
„Северен тек“ работи со 20 отсто од предвидениот капацитет поради антируските санкции, изјави денеска извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер.
Тој истакна и дека компанијата Сименс практично нема можност да обезбеди редовни ремонти на блоковите за Северен тек, бидејќи нема каде да ги изврши, пренесува РИА Новости.
„Компресорската станица во Портоваја моментално е натоварена за 20 проценти, а причината за тоа се антируските санкции. Нашите противници веќе издадоа толку многу документи за ембаргото што создадоа ситуација што може да се нарече санкцииона конфузија. Тие самите веќе се збунија во овие документи, а поради санкциите влегоа во сопствената замка“, изјави Милер за ТВ каналот „Русија 1“.
Северен тек, гасоводот кој ја претставува главната рута за снабдување на Европа со гас од Русија, работи со ограничувања од средината на јуни, а од крајот на јули – само 20 отсто од речиси 170 милиони кубни метри пропусната моќ по ден.
Руската страна наведува дека ограничувањето на испораките настанало исклучиво поради странски санкции, кои предизвикуваат проблеми во одржувањето и поправката на турбините на Сименс, а моментално функционира само една турбина.
Сега гасоводот е целосно стопиран три дена поради ремонт.