Свет

Втор обид на НАСА за лансирање на мисијата „Артемис 1“ на Месечината

Американската вселенска агенција НАСА ќе се обиде уште еднаш, со поволни временски прогнози и откако ќе се решат техничките потешкотии, во наредните часови да ја лансира својата најмоќна ракета досега, „Систем за вселенско лансирање“ на Месечината.

Подигнувањето на беспилотната мисија Артемис I е закажано за 14 часот и 17 минути по локално време од вселенскиот центар Кенеди на Флорида, со можност за одложување и до два часа доколку е потребно, јавува Би-би-си.

Целта на леталото високо 100 метри ќе биде да фрли капсула во правец на Месечината, нешто што не се случило од крајот на проектот Аполо во 1972 година.

Доколку мисијата продолжи денес, капсулата Орион фиксирана на врвот на ракетата ќе помине 37 дена во вселената, орбитирајќи околу Месечината од далечина од близу 100 километри.

„Артемис I“ е пробен лет без екипаж во вселената, но ако мисијата оди според планот, тогаш „Артемис II“, која се очекува да биде лансирана во 2024 година, речиси сигурно ќе носи луѓе.

НАСА за прв пат се обиде во понеделникот да ја испрати мисијата Артемис I на Месечината, но лансирањето беше одложено, како поради временските проблеми, така и поради техничките кои во меѓувреме мораа да се поправат. На почетокот се чинеше дека еден од четирите главни мотори на ракетата се прегрева, но тоа се покажа дека е само „лош сензор“ за отчитување, соопшти НАСА, пренесе Би-би-си.

На почеток