Стејт департментот одобри продажба на оружје на Тајван
Синоќа американскиот Стејт департмент одобрил потенцијална продажба на оружје на Тајван во вредност од над 1,1 милијарда долари, вклучувајќи 60 противбродски проектили и 100 ракети воздух-воздух, објавил Пентагон.
Пакетот за оружје вклучува и логистичка поддршка од изведувачи за радарски надзор, додаде одбранбената агенција на Пентагон, а пренесе Ројтерс.
Пакетот беше објавен по агресивните кинески воени вежби околу Тајван по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на тој остров, пишува медиумот.
Пакетот вклучува ракети и опрема „Sidewinder“ по цена од 85,6 милиони долари, ракети и опрема Харпун за 355 милиони долари и логистичка поддршка за тајванскиот радарски систем за надзор за 665,4 милиони долари, соопштила Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка на Пентагон.
„Овие предложени продажби се рутински случаи на поддршка за тековните напори на Тајван да ги модернизира своите вооружени сили и да одржи кредибилен одбранбен капацитет“, изјавил портпаролот на Стејт департментот кој сакал да остане анонимен.
Пентагон изјавил дека со најавената опрема и поддршка нема да се промени основната воена рамнотежа во регионот.
Потенцијалната продажба на оружје на Тајван е одраз на континуираната поддршка на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за островот, пишува медиумот.