Михаил Горбачов ќе биде прогребан денеска, без државни почести


Михаил Горбачов, последниот советски лидер и миленик на Западот кој доживеа колапс на сите реформи што ги заговараше во својата татковина, ќе биде погребан денеска без државни почести и без присуство на рускиот претседател Владимир Путин и западните лидери, јавуваат светските агенции.
Горбачов почина во вторникот на 92-годишна возраст, а московјаните ќе можат да го посетат неговиот ковчег во импозантната сала блиску до Кремљ, каде се оплакувани поранешните советски лидери.
Според написите Путин кажал дека е премногу зафатен за да присуствува на погребот.
Се анализира дека многу западни шефови на држави и влади вообичаено би биле присутни, но сега се држат настрана поради јазот во односите Исток-Запад по инвазијата на Путин на Украина во февруари.
Агенциите пишуваат дека на британскиот премиер во заминување Борис Џонсон и на двајца негови потенцијални наследници им е забранет влез во Русија. Германскиот канцелар Олаф Шолц изјавил дека не добил покана, а неговата претходничка Ангела Меркел нема да присуствува поради повреда на коленото.
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го претставува Пјер Леви, францускиот амбасадор во Русија.
Германскиот амбасадор Геза Андреас фон Гејр е позитивен на коронавирус, па ќе дојде неговиот заменик.
На испраќањето треба да присуствува и американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, пишува ДПА.
Ќерката на Горбачов, Ирина, најави дека погребот ќе биде скромен. Русите ќе можат да го посетат отворениот ковчег на нобеловецот од 9 часот по средноевропско време. Горбачов ќе има воена почесна гарда, соопштил Кремљ.
