Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот во Кабул
Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот во близина на руската амбасада во Кабул, соопшти милитантната група на својот канал на Телеграм.
Според руското Министерство за надворешни работи и авганистанските власти, двајца вработени во руската амбасада во Кабул се меѓу шесте лица кои загинале кога бомбаш-самоубиец активирал експлозивна направа, додека 10 лица се повредени, пренесе Ројтерс.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓу жртвите има и авганистански цивили, пренесува РИА Новости.
Министерството соопшти дека вчера во Кабул, во непосредна близина на влезот во конзуларното одделение на руската амбасада во Кабул, непознат милитант активирал експлозивна направа.
Како резултат на нападот загинаа двајца вработени во дипломатската мисија, а жртви има и меѓу авганистанските цивили, додаваат од Министерството.
Амбасадата е во близок контакт со авганистанските безбедносни служби, кои спроведуваат истрага.
Засега не е соопштен идентитетот на руските жртви.
Портпаролот на Кремљ, Дмирти Песков, изјави дека станува збор за терористички напад.
„Најостро ги осудуваме ваквите терористички акти“, рече Песков.
Авганистанската полиција соопшти дека бомбаш-самоубиец активирал експлозив на влезот на руската амбасада, но бил застрелан од вооружени чувари додека се приближувал до капијата.
Русија е една од ретките земји што имаа амбасада во Авганистан, откако Талибанците ја презедоа власта пред една година.
Иако Москва официјално не ја признава талибанската влада, таа преговара со авганистанските власти за договор за снабдување со бензин и други стоки.