Актуелно

Ердоган се закани: „Еден ден ќе го изгубиме трпението, тогаш се може да се случи“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно и се закани на Грција со воен одговор.

Ердоган ги предупреди во случај да продолжат провокациите, бидејќи неодамна турските воени авиони беа цел на противвоздушно оружје додека летаа над спорните острови во Егејското Море.

„Ако имаат острови и воени бази и одредени претензии кои се нелегални и закани упатени кон нас, еден ден ќе го изгубиме трпението. Кога ќе го изгубиме, сè може да се случи“, рече Ердоган на прес-конференција во Сараево, на прашањето за последниот спор со Грција.

Системите за противвоздушна одбрана С-300, кои ги користи Грција, беа насочени кон турски авиони за време на рутински лет над островите во Егејското Море.

„Вознемирувањето на нашите авиони со радари не е бениген чекор“, додаде тој.

Анкара потсети дека егејските острови и се предадени на Грција во согласност со договорите од 1923 и 1947 година, но под услов да не ги вооружуваат.

Односите меѓу Грција и Турција беа во состојба на постојано влошување во последните десет години, а во 2020 година тие ескалираа до степен на воен конфликт кога двете земји испратија бродови во спорните води на источниот Медитеран.

Ердоган на почетокот на јуни и се закани на Грција, што предизвика загриженост кај меѓународната заедница.

Милитаризацијата на грчките острови во источното Егејско Море беше забранета со Договорот од Лозана од 1923 година и Договорот од Париз од 1947 година.

Атина тврди дека грчки војници се распоредени на островите за да ги бранат од бродови кои им се приближуваат од западниот, турски брег.

На почеток