Актуелно

„Конечно заврши оваа голгота“, актерката Силвија се расплаче поради ослободителната пресуда за транспортот на кокаин

Актерката Силвија Стојановска која првично беше осудена на 3,5 години казна затвор, и самата се изненади кога судијата на повтореното судење и изрече ослободителна пресуда. За разлика од претходно, сега, судијата Огнен Ставрев не смета дека актерката учествувала во група која транспортирала 700 килограми кокаин.

Откако ја изрече ослободителната пресуда, Стојановска беше зачудена. Неколку пати праша дали ова значи дека таа е ослободена за сите дела кои и се ставаат на товар, на што судијата и кажа: „Силвија, возбудена сте“.

Позади Силвија, во судницата, седеше и нејзината ќерка Јана Стојановска. Таа и порача на мајка и да биде смирена, а се насмеа откако ја слушна судската одлука. Уште за време на рочиштето, актерката беше со солзи во очите и рече: „Конечно по три години заврши оваа голгота“.

Актерката се гонеше по член 215 од Кривичниот законик за кој во првиот став вели дека „тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години“.

Актерката се гонеше дека е дел од мрежа, но судијата рече дека не се докажало такво нешто и оти можеби Стојановска евентуално била помагач, но такво нешто во обвинението воопшто нема.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција обвинението за овој случај го поднесе на 12 јуни 2020 година откако претходно беше отворена истрага во рамки на меѓународната операција под кодно име „Колибри“ во која имаше апсења на три лица и во Шпанија. Еден од нив беше братот на Будисавјевиќ.

Со обвинението за Стојановска и нејзиниот тогашен партнер, обвинителството тврдеше дека утврдило оти во втората половина на 2019 година тие учествувале во купување, пренесување и препродавање кокаин во количина од речиси 700 килограми.

„Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на наркотична дрога – кокаин од Колумбија до Мадрид, Кралство Шпанија, и барале купувачи на истата. За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење на енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање на евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор (PROTECT 1207i)“, тврдеше обвинителството кога го поднесе обвинението.

На почеток