Магазин

Најскап оброк во животот: Американски турист казнет со 450 евра

Посетата на Рим на американски турист (55) нема да остане во најдобро сеќавање.

Според Си-Ен-Ен, турист од САД седел на работ на фонтаната деи Катехумени и јадел околу еден часот по полноќ, а потоа бил запрен од полицијата и казнет поради законите за заштита на спомениците, кои се дизајнирани да го задржат пристојниот изглед на градот.

Фонтаната била изградена помеѓу 1588 и 1589 година од страна на архитектот и скулптор Џакомо Дела Порта, а била обновена во 1997 година. Заштитенa е со правила кои првпат беа воведени во 1970-тите за да се зачуваат историските фонтани, статуи и други споменици. Ажурираните закони со фокус на одржување на „еколошкиот дизајн“ на градот се во сила од 2019 година.

Правилата, покрај забраната за јадење, вклучуваат и забрана за консумирање алкохолни пијалоци на улица, организирање обиколка на посета на локали со алкохолни пијалоци и капење во градски фонтани.

Локалната полиција соопшти дека минатиот викенд имале повеќе од 300 случаи. Полицајците можат да изрекуваат казни, па дури и да забранат луѓе од одредена област во период од 48 часа. Повторените престапници може да добијат забрана до 60 дена.

Кога беа воведени овие правила, градскиот совет рече дека тие „се занимаваат со многу аспекти од градскиот живот, со особено внимание на почитувањето на уметничкото и културното наследство на главниот град“.

Правилата се и во служба на борбата со прекумерниот туризам, бидејќи Рим има проблем со премногу посетители. Пред пандемијата на коронавирус, околу 10 милиони туристи пристигнуваа во Рим секоја година.

На почеток