Данела не знае за што ќе го гони Перински: Прво го обвини дека влијание врз тендер, а сега дека е нетранспарентен
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не знае за кое кривично дело ќе го пријави директорот на Водовод, Златко Перински. Таа кажа дека не знае ништо за процесот за проектот за пречистителна станица финансиран од европски банки, но не одговори како без информации го обвини Перински дека сторил криминал за што ќе поднесува и кривична пријава. Во соопштението за разрешувањето на Перински се вели дека има сомнеж дека влијаел во постапката за избор на изведувач на тендер, а на прес-конференција посочи само дека тој не бил транспарентен и затоа го тргнала од директорската позиција.
„Ние изразивме сомнеж бидејќи минатите месеци, Град Скопје нема добиено никаква информација во која насока се движат сите процеси кои се поврзани со избирање на најдобар понудувач. Ова е проект кој се прави со европски средства во вредност од 137 милиони евра. Ние имаме индиции дека не е транспарентен процесот и бараме да се сменат промени на членовите на комисиите. Нетранспаретноста на целата постапка ги покрена сомнежите. Ние нема да дозволиме европски средства да бидат изиграни. Во интерес на сите е да знаете што е позадината. Со самото тоа што Градот барал потранспаретна постапка и не било спроведено, имаме сомнежи дека се обидувало да се влијае на постапката“, кажа Арсовска.
Прашана од кај знае дека има криминал, ако не знае ништо за проектот, Арсовска рече: „Да спречите нешто да се украде е исто како да се превенира. Јасен беше одговорот. Документацијата која ја имаме, ќе ја предадеме, друг ќе одлучи“.
„Ние ги имаме нашите индиции, ги имаме релевантните документи, пред Обвинителството ќе ги поднесеме. Транспарентноста не е криминал, тоа е дека нешто се тера а не се прави пред јавноста“, рече Арсовска, а прашана кое е делото рече: „Тоа не е нешто наше кое треба да го тераме, не сме јавен обвинител ниту суд“.