„Иран нема да добие подобра понуда“, вели француска министерка
Шефот на француската дипломатија денеска во Њујорк изјави дека Иран нема да добие подобра понуда за заживување на меѓународниот договор за нуклеарната програма.
„Нема да има подобра понуда за Иран“, рече Кетрин Колона, француска министерка на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Колона не ја исклучи можноста францускиот претседател Емануел Макрон да се сретне со неговиот ирански колега Ебрахим Раиси во ОН во текот на неделата.
Француската министерка денеска пред новинарите во Њујорк изјави дека разговарала со нејзиниот руски колега Сергеј Лавров за ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје.
Таа додаде дека Макрон во среда ќе има средба за ова прашање со украинските претставници и со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси.