3.600 евра месечно веќе не се доволни за едно домаќинство во Германија


Со оглед на скокот на цените на енергијата и храната, германските банки предвидуваат мрачен развој на германските домаќинства во наредните месеци.
Според нивната пресметка, 3.600 евра нето месечно веќе не се доволни за едно домаќинство.
Според пресметките на банкарската групација, 60 отсто од домаќинствата веќе го трошат целиот свој месечен приход и дел од заштедите само за покривање на животните трошоци. Ова го соопшти во вторникот на прес-конференција претседателот на Здружението на германските штедилници и Џиро банки Хелмут Шлевис.
Досегашната проценка на состојбата на повеќе од 300.000 правни лица покажа дека на домаќинствата кои заработуваат помалку од 3.600 евра месечно, со оглед на моменталната состојба, на крајот на месецот не им остануваат пари.
Шлевис итно ја советуваше федералната влада да ги земе предвид оние групи на приходи во пакетите за помош што доаѓаат наскоро. Впрочем, воздржаното однесување на потрошувачите негативно ќе се одрази на малопродажбата и општата економија во оваа земја.
Според Шлевис, не само приватните домаќинства, туку и компаниите може да ги достигнат своите егзистенцијални граници поради инфлацијата и високите цени на енергијата. Банките затоа апелираат да се ограничат цените на енергијата. Домаќинствата и компаниите, исто така, ќе мора да го направат својот дел и да заштедат најмалку 20 проценти од енергијата и да се потпираат се повеќе на обновливите извори на енергија.
