Свет

Германија ќе национализира уште еден увозник на гас

Германската влада ќе ја национализира компанијата за увоз на гас Сефе.

Поранешниот Газпром Германија ќе биде национализиран за да се заштити од банкрот, објави денеска Шпигел, не наведувајќи свои извори.

Портпаролот на Министерството за економија рече дека разговорите за иднината на Сефе се во тек, а компанијата не е веднаш достапна за коментар, објави Ројтерс.

Таа одлука, доаѓа откако владата вчера се согласи да го национализира Унипер, најголемиот увозник на руски гас, бидејќи се обидува да ја запре енергетската криза во најголемата европска економија, наведува британската агенција.

Поранешниот „Газпром Германија“ од април е под управа на сојузната држава, со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со гас во Германија.

Со средства и подружници во Германија, Велика Британија, Швајцарија, Белгија, Чешка и надвор од Европа, активностите на компанијата се од суштинско значење за европскиот пазар на гас и снабдување на индустријата и домаќинствата.

Експертите веруваат дека национализацијата е веројатна, но велат дека може да потрае неколку недели.

На почеток