За еден месец пропаднаа 718 германски компании, ќе има ли „голема рецесија“
Остриот пораст на цените на енергијата доведе неколку стотици компании до банкрот во август во Германија, предупреди економскиот институт IWH.
Исто така, банките очекуваат значително поголем износ на нефункционални кредити во наредната година.
Во август стечај пријавиле 718 фирми, четвртина повеќе од лани, а институтот проценува дека иста стапка на раст ќе биде забележана и во септември, пренесува Вечерњи лист.
Во октомври може да се искачи на 33 отсто, ако се спореди бројот на стечајци со истиот период лани, проценува институтот.
„По долг период на мал број на банкротирани компании, трендот се промени“, рече Стивен Милер од IWH.
Германското стопанско здружение БДИ предупреди на „голема рецесија“.
Во истражувањето спроведено меѓу 593 компании, повеќе од една третина од нив изјавиле дека им се заканува неуспех поради високите цени на енергијата. Во февруари, кога почна војната во Украина, со ваква оценка се изјасниле 23 отсто од нив.
Истражувањето на водечките кредитни институции во август покажа дека нефункционалните кредити во Германија следната година ќе пораснат на 37,6 милијарди евра, од 31,9 милијарди оваа година.
Дел од експертите предупредуваат дека не треба да се извлекуваат погрешни заклучоци од бројките кои покажуваат зголемување на бројот на стечајци. Тие може да изгледаат лошо сега затоа што беа вештачки намалени во пандемијата од 2020 и 2021 година, кога владата ги поддржа компаниите кои се борат, објаснуваат тие.