Вашингтон пост: САД со месеци испраќа тајни пораки до Москва
САД со месеци испраќаат тајни приватни пораки до Москва во кои ги предупредуваат руските власти за сериозните последици од употребата на нуклеарно оружје. Ова го тврдат американски претставници за Вашингтон пост.
Според нив, тие пораки „го нагласуваат она што претседателот Бајден и неговите соработници јавно го артикулирале“.
„Администрацијата на Бајден во своите пораки не кажува сосема јасно какви би биле последиците од употребата на нуклеарно оружје, па Кремљ е загрижен за тоа како Вашингтон би можел да одговори“, рекоа официјалните лица, кои побараа анонимност.
Истите извори тврдат дека Стејт департментот бил вклучен во приватните комуникации со Москва, но одбиле да кажат кој и до кој степен ги пренесувал пораките.
Исто така, не е јасно дали САД испратија нови приватни пораки неколку часа по говорот на рускиот претседател Владимир Путин во кој тој најави делумна мобилизација, но висок американски функционер рече дека комуникацијата била конзистентна и се одвивала во последните неколку месеци.
Во интервју за Си-Би-Ес што се емитуваше во неделата, Бајден беше запрашан што би му рекол на Путин за употребата на нуклеарно оружје во конфликтот против Украина.
„Не. Не. Не“, рече Бајден. „Ќе го промените лицето на војната како што не се променило од Втората светска војна“, додаде тој.
Бајден, сепак, одби да елаборира како САД ќе одговорат, велејќи само дека одговорот ќе биде конзистентен и ќе зависи од руските дејствија.