Свет

„Не верувам дека Путин ќе користи нуклеарно оружје“, вели американски генерал

Поранешниот врховен командант на американските копнени сили во Европа, американскиот генерал Бен Хоџис не верува дека Владимир Путин ќе употреби нуклеарно оружје.

„Нуклеарниот напад нема да донесе никаква непосредна воена корист за Путин“, рече Хоџис во интервју за виенскиот неделник „Профил“.

Според него, Русија би претрпела само негативни последици – од контранапади до општа осуда.

Хоџис рече дека нуклеарниот напад ќе им оневозможи на САД да останат надвор од војната во Украина.

„САД би морале да реагираат воено, бидејќи Белата куќа знае дека Кина, Иран, Северна Кореја и другите јасно анализираат како се однесува Вашингтон. И најверојатно тоа нема да биде нуклеарен напад, туку конвенционален контра напад“, вели тој.

Тој вели дека би препорачал акција против руската црноморска флота.

Во однос на делумната мобилизација, која е иницирана во Русија, Хоџис истакнува дека војниците плаќаат цена кога повисоката хиерархија е корумпирана, кога извештаите за грешки, квалитет и ресурси недостасуваат.

„Можам да ви кажам што се случува во моментов. Некои луѓе, кои имаат наредба да најдат 300.000 нови војници, ќе станат многу богати, затоа што многумина ќе се обидат да се ослободат од обврската со пари. Ова е стара руска практика“, смета американскиот генерал.

Што се однесува до натамошниот тек на војната во Украина, тој вели дека поаѓа од тоа што до крајот на годината Украина ќе успее да ги врати руските сили на линијата на која беа пред 24 февруари.

„Во средината на следната година, украинските војници ќе бидат на Крим“, убеден е Хоџис.

На почеток