Македонија

Анџело го интересираше кој удар бил клучен за убиството на Тот

Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски кој е обвинет за убиството на ракометарот Денис Тот, проговори на судењето каде вештаците од Судска медицина кои ја правеле обдукцијата, даваа детали за вештиот наод. Анџело, го интересираше, кој од ударите кои ги задал тој, Клементина Лефкова и Андреј Костовски бил клучниот за да доведе до негова смрт.

„Дали е утврдено од кој тапо-тврд удар е доведено до ротација на главата?“, праша Ѓорѓиевски откако претходно вештаците кажаа дека „Нагмечувањето на мозочното ткиво настанале заради делување на сила во пределот на тилната регија на главата, а тоа се случило при падот. Додека пак, повредата на почетниот дел на рбетниот мозок е настаната поради ротационите движења на главата предизвикани од ударите во пределот на главата“.

Проф. Др. Рената Јанкова му одговори: „Тоа не можеме да го конкретизираме, ние можеме да знаеме тоа што ќе видиме и да ги знаеме механизмите. Ако можело да се утврди, вештите лица би се произнеле за тоа. Можеби не е со едно дејство на сила, можеби е со две, можеби со едно. Не можеме се да знаеме“.

Тој реагираше дека треба да знаат кога нешто тврдат, на што судијката Елена Илиевска Јосифовиќ остро реагираше да поставува прашање, а не да коментира и да посочува како вештите лица да одговараат.

Професорката Јанкова, вештак од Судска медицина, во детали ги објаснуваше повредите кај Тот, добиени од ударите кои му биле зададени кобната вечер.

„Нагмечувањата на десната челна регија на мозокот е настаната со пад на цврста површина. Повредите од предната страна на лицето, едната од десната страна на лицето која довела до некомплетно скршување на десната носна коска настанала со директно дејство со тапо-тврд удар, повредата на левата страна од усната со раскини на слузницата на левиот образ кој отсликуваат распоред на заби настанала со дирекно дејство на тапо тврда сила, повредата на тилната регија е од пад и последователно е и повредата на десната мозочна хемисфера. Повредата од левата страна на градниот кош настанала со директно дејство на тапо тврда сила (удар) бидејќи нејзината положба е повеќе странична. Постои крвна подлиеност од удар во оваа регија“, кажа Јанкова.

Таа додаде: „Повредата во пределот на почетниот дел од рбетниот вратниот дел, почетниот дел од рбетниот мозок, настанала со директно дејство на тапо-тврда сила која довела до ротација на главата и вратот, иако ваква повреда може да настане и од пад, но во конкретниот случај, повредата настанала со удар. Зошто исклучуваме да е од пад? Поради преносот на силата. Падот е во тилната регија, не е во повисокиот дел на главата. Имаше крвна подлиеност на темената регија, која што беше повисоко во таа регија, настала со дејство на удар“.

Ни побрза реакција на докторите од Итната медицинска помош и Клиничкиот центар, немало да го спасат Денис Тот, посочи докторот и вештак Станков.

„И со таа повреда што ја има на рбетниот мозок, не верувам дека некој ќе го спасил. Таа не се оперира. Притоа има повреди на големиот мозок, како заради повредите, така и поради престанок на работата на срцето па и дишењето, поврзано со повредите кои се зададени. Третманот кој му е пружен на сега покојниот би се пружил и ако веднаш се видени тие повреди. Доколку преживеел подолго време и му била направена втора компјутерска томографија, тогаш сигурно би се виделе овие повреди“, додаде тој.

На почеток