Македонија

Мигрантите од Русија нема бидат привилигирани како Украинците кои допатуваа во Македонија

Македонија не очекува мигрантски бран од Русија, иако Русите бегаат по наредбата од претседателот Владимир Путин за мобилизација на резервисти. Но, дури и да има Руси кои ќе бараат згрижување, тие нема да имаат исти третман како Украинците кои бегаа од Украина на почетокот од војната. Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека Македонија нема конекции со Русија како други држави.

„Украинците имаат третман согласно со меѓународните организации каде ние сме членови, за згрижување на бегалци од војна. И ние сме ги донеле сите потребни одлуки за згрижување – постојано и во транзит, бидејќи дел доаѓаат и заминуваат во други земји. Тоа е третманот. Вашето прашање е насочено кон друго, зборам за руски граѓани, кои одат во земји каде имаат директни летови“, кажа Ковачевски.

Прашан дали ќе се укине визниот режим за Русите кои бегаат од родната земја, Ковачевски посочи: „Нема таков предлог во моментов“.

Од македонското МНР нема одговор дали ќе препорачаат на македонските граѓани да не патуваат во Руската Федерација поради безбедносни ризици и да ја напуштат територијата на Русија, доколку се во можност.

Инаку, на почетокот од војната меѓу Русија и Украина, Владата обезбеди 120 милиони денари за организирање и обезбедување на хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина кои како бегалци од воените жаришта би пристигнале во нашата земја. Засега, ваква одлука нема за Русите кои бегаат од својата татковина.

На почеток