Левица како политичка партија со свој претставник изразува крајна разочараност од досегашното водење на политиките и функционирањето во рамките на општина Карпош.
„За време на кампањата во предизборниот процес многу мерки и реформи беа ветени и гарантирани од страна на актуелната локална власт. После година дена од промената на политичките партии, евидентно е разочарувањето кај граѓаните на општина Карпош од безидејноста и немањето политичка волја за решавање на најзначајните проблеми со кои се соочува оваа општина. Заради тоа што програмски гледано ние како партија имавме некои поклопувања со програмата на СДСМ имавме, а сигурени сме дека и граѓаните имаа, високи очекувања. Очекувања кои беа разочарани“ велат од „Левица“.
Градежната мафија, порачуваат од „Левица“, и во мандатот на оваа власт продолжи да работи непрекинато, со што дополнително се влоши енормниот проблем со загадувањето на воздухот.
„Неспособноста на локалната власт предводена од СДСМ јасно се манифестира преку нејзиното прогласување за ненадлежна и избегнување одговорност за сите прашања и проблеми кои ги мачат жителите на оваа општина. Очигледен е фактот дека надлежностите и ветувањата на оваа локална власт завршуваат со скапите предизборни кампањи, пракса поради која беа казнети нивните претходници“ реагираат од партијата.
Поради тоа, од „Левица“ најавуваат дека во сабота ќе се одржи првиот отворен ден со советникот на Левица од општина Карпош, при што, како што велат од партијата, целта е директно запознавање и инволвирање на граѓаните во работата на општината преку нивна директна партиципација.
Оваа иницијатива, како што додаваат, ќе се реализира секоја прва сабота во месецот од 12 до 17 часот во канцеларијата на Левица.
